Национален парк Шар Планина: Двата оператори за слободнo скијање ќе работат согласно режим за движење
- Националниот парк Шар Планина одржа прес-конференција за склучениот договор со операторот кој врши превоз на скијачи со специјални возила до повисоките предели на планината, за што претходно две страни имаа соопштенија со различни ставови, околу тоа дали може или не може фирмата да ја врши таа дејност.
Тетово, 21 јануари 2026 (МИА) - Националниот парк Шар Планина одржа прес-конференција за склучениот договор со операторот што врши превоз на скијачи со специјални возила до повисоките предели на планината за што претходно двете страни имаа соопштенија со различни ставови за тоа дали може или не може фирмата да ја врши оваа дејност.
Од управата на Националниот парк посочија дека по спроведен конструктивен дијалог и институционална координација, фирмата „Ескимо спорт“ изразила целосна подготвеност за почитување на планот за управување, одлуката за движење моторни возила, како и другите одлуки и акти што Националниот парк Шар Планина ги има донесено за регулирање на оваа материја.
Посочија дека во согласност со планот за управување со Националниот парк Шар Планина, кој е одобрен и е во сила, оваа дејност е дозволена во зоната за активно управување и во зоната за одржливо користење, но исклучиво по претходно институционално уредување и со јасно дефинирани услови утврдени од страна на управата на Паркот.
- Примарната цел на договорите, кои се склучени со двата економски оператора што ја вршат оваа туристичка дејност, е воспоставување јасен режим на движење, надзор и одговорност на операторите. Овој режим има цел ограничување на влијанието на моторните возила врз чувствителните живеалишта, зачувување на биодиверзитетот и заштита на еколошката рамнотежа на паркот. Треба да се нагласи дека во текот на изминатите четири години оваа дејност се спроведуваше континуирано, но без институционална координација и без формални договори со Националниот парк. Договорите што сега се склучени претставуваат значаен чекор напред кон воспоставување организирана и конструктивна соработка помеѓу Националниот парк и економските и туристичките оператори, кои имаат дадено придонес во развојот на туризмот во овој регион - истакна Евзал Елмази, директор на НП Шар Планина.

Тој посочи дека од прогласувањето на Националниот парк Шар Планина на 30 јуни 2021 година, вршењето на оваа дејност не била уредена во согласност со планот за управување, ниту склучени договори со економските оператори, со кои јасно би се дефинирале условите за работа, движење и одговорност на економските оператори.
- Овие договори, како и оние што се планираат во иднина, јасно ја потврдуваат цврстата определба на Националниот парк Шар Планина дека го поддржува развојот на туризмот, но исклучиво на организиран, контролиран и институционален начин. Во текот на оваа година се очекува и отворањето на инфо-центарот во рамките на територијата на паркот, како и почнување на процесот на изработка на стратегија за туризам за Националниот парк Шар Планина. Овие активности претставуваат важни чекори, кои го насочуваат паркот кон современ модел на управување. Современ национален парк значи заштитена и чиста природа, организиран туризам, целосно почитување на законските прописи и, пред сè, економска благосостојба за локалното население - рече директорот.
Милорад Андријевски, раководител на одделение за одржливо користење на природните ресурси НП Шар Планина, истакна дека скијањето се одвива во високите делови на планината, каде што снежната покривка е повисока, а до таму операторите со специјалните возила наречени ратраци пристапуваат по патишта по кои е дозволено движење, дури и кога нема снег.
- Веруваме дека нема да има штета на чувствителните живеалиште на Шар Планина. Се разбира дека НП го задржува правото да врши контрола на нивната работа и постојано ќе бидат под надзор на нашите служби. И сега е тоа многу едноставно затоа што со преземање на обврските што ги предвидува договорот веќе и самите се изложуваат на реална ситуација да мора да се придржуваат на овие правила што ги пропишува нашиот план за управување - рече Андријески.
Договорите со економските оператори предвидуваат и начин на следење на нивните активности. Управата на паркот вели дека имаат можност да побараат од операторите да постават ГПС-уреди за следење на специјалните возила, кои треба да имаат и редни броеви. На операторите ќе им биде дозволено да имаат по три возила за превоз на скијачи и едно дополнително за итни потреби.ас/вј/
фото: МИА